Полуматурантите кои не успеале да се запишат во средно образование на првото пријавување во јуни, денеска имаат нова шанса преку второто електронско пријавување за учебната 2025/2026 година. Потребната документација до избраните училишта ќе се доставува утре, додека конечната ранг-листа со запишани ученици ќе биде објавена в среда, на 2 јули, најдоцна до 12 часот.

Според податоците на Министерството за образование и наука за второто пријавување има вкупно 16.034 слободни места во средните училишта. Од нив, 10.758 се за паралелки на македонски наставен јазик, 4.781 на албански, 474 на турски и 21 место на српски наставен јазик. Слободните места за стручно образование – 12.307, додека за гимназиско образование остануваат 3.727 слободни места.

Конкурсот за упис веќе е затворен за дел од гимназиите, меѓу кои „Јосип Броз Тито“ во Битола и „Никола Карев“ во Скопје, како и за одредени сектори и квалификации во стручните училишта, каде што слободните места се пополнети уште во првиот рок.

За учениците кои нема да се запишат во овој јунски рок, следната можност е августовскиот уписен рок. Електронското пријавување ќе се спроведе на 21 август, кога истовремено ќе се доставува и потребната документација до училиштата. Резултатите од запишувањето ќе бидат објавени ден подоцна, на 22 август.