Река од млади се слеа кон храмовите да го прослават најголемиот христијански празник Велигден. Укинувањето на полицискиот час, сабота кон недела, се чини беше одличен повод за нив за повторна дружба со пријателите. Ги имаше од сите училишни возрасти – од најмлади, дојдени со родителите, до оние во адолесцентни години. Стравот од Ковид-19 и апелите на властите Велигден да се пречека дома, придонесоа повозрасните да дојдат во многу помал број.
А и тој, во чие име со собираа голем број млади во црквите, им велел на апостолите: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на такви е Царството Божјо. Вистина ви велам, кој не го прима Царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него“ (Мк. 10, 13-16).
А кој од нив знае подобро да се радува и весели? Па така, радосната вест за Христовото Воскресение, беше пречекана со радосни и весели лица и ниту маските не успеаја да им ги скријат насмевките.
– Забележувам дека повозрасните се многу помалку отколку помладите и тоа многу ме радува. Ме радува што и младите веруваат во Бога. Тоа значи дека традицијата продолжува, ни вели 82-годишната Васка Миланова, која е редовен посетител на манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ во скопско Радишани.
По објавувањето на Христовото Воскресение и поздравот „Христос Воскресна! Навистина Воскресна!“, поитаа да се кршат со велигденските јајца – симболот за Неговото воскреснување од гробот. Традиција која датира уште од првите векови на христијанството. Според една од легендите, Марија Магдалена отишла кај римскиот цар Тибериј и му однела црвено јајце, кажувајќи му ги зборовите: „Христос воскресна!“ и му раскажала за воскресението на Исус.