Гласањето за вториот круг од локалните избори започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот. Во вториот круг се гласа во вкупно 44 општини. Право на глас имаат 1.353.990 избирачи на 2.481 избирачко место.

Во првиот круг беа избрани 32 градоначалници, како и членовите во општинските совети.

Повторување на гласањето за градоначалник и за совет ќе има на едно избирачко место (0543) во Дебар, а ќе се прегласува и на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на совет. Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.

Денеска нема да има гласање за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани, бидејќи за нив не е потребен цензус.

Во 19 часот треба да следи затворање на гласачките места.