Во земјава денеска се одржува вториот круг од локалните избори 2025, осми по ред од независноста досега. Граѓаните повторно излегуваат на избирачките места за да го заокружат процесот на избор на градоначалници во 32 општини и во Град Скопје, откако во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници и советници во поголемиот дел од општините.
Според податоците на Државната изборна комисија, право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат за градоначалник на Град Скопје. Граѓаните денеска избираат помеѓу двајцата кандидати кои добија најмногу гласови во првиот круг, а за избран се смета оној кој ќе освои повеќе гласови во овој круг.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот, а процесот се одвива зад параваните со сино хемиско пенкало. За идентификација се користи важечка лична карта или пасош, заедно со апаратите за биометриска идентификација. Гласачите можат да гласаат само еднаш, а во скопските општини Центар, Аеродром и Карпош добиваат две ливчиња – едно за градоначалник на Град Скопје и едно за градоначалник на локалната самоуправа.
Доколку не биде избран градоначалник ниту по завршувањето на вториот круг, Изборниот законик предвидува Општинската или Државната изборна комисија во рок од 15 дена да ја извести Владата, која потоа именува повереник што ќе ги извршува надлежностите на градоначалникот. Владата има обврска во рок од 15 дена по именувањето на повереникот да го извести претседателот на Собранието, кој потоа распишува нови избори.
Според прописите, гласањето може да биде продолжено по 19 часот само ако има останати гласачи или ако имало прекин во текот на денот. Во случај на прекин подолг од еден час, гласањето продолжува онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународен. Од Државната изборна комисија најавуваат дека последната прес-конференција ќе се одржи околу 23 часот, кога се очекуваат првите официјални резултати.
Во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, каде во првиот круг не беше постигнат потребниот цензус од најмалку една третина излезност, во рок од 60 дена ќе започне нова изборна постапка за избор на градоначалник.
Вчера право на глас искористија затворениците, лицата во домашен притвор, болните и немоќните, како и жителите на старските домови.






















