На вториот ден на амандманската расправа за ребалансот на буџетот пратениците на власта и опозицијата се скараа за поднесен амандман со кој треба да се издвојат нешто над 300 милиони денари од државната каса за поддршка на вработените во текстилната индустрија. Опозицијата смета дека вработените од овој сектор се помеѓу најпогодените од економско-здравствената криза. Но, за власта, проблем е да им се дадат пари директно на работниците, а да не одат преку компаниите. За ребалансот се поднесени вкупно 222 амандмани.
„Работодавачот е тој којшто може да исплати персонален данок, пензиско осигурување, здравствено осигурување и слично. Доколку вработениот ги добие парите тој не може да си уплати пензиско и здравствено бидејќи нашиот систем функционира на нето исплатена плата, а не на бруто исплатена плата, како што е американскиот систем каде сами одлучувате какво здравствено и пензиско ќе уплатите“, рече Димитар Ковачевски заменик министер за финансии.
„Ако имаше амандман за делење тендери, за богатење преку ноќ, за луксузирање, тогаш ќе го прифатевте одма. Затоа што вие сте синоним за тоа, и граѓаните ве препознаваат по тоа“, рече Иван Јорданов Пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.