Граѓаните излегоа на протест на улицата Партизански одреди, кадешто 20-годишниот Васил Јованов завчера ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова.

Се оставаат цвеќиња и се палат свеќи крај фотографијата на Фросина, а демонстрантите носат транспаренти на кои пишува: „Врските не враќаат човечки животи“, „Сите одиме кај ист судија, а таму има само една правда“, „Уште колку?“, „Не е несреќа, туку убиство“.

Граѓаните бараат построги казни и промени.

Според информациите од Обвинителството, Јованов возилото го управувал пијан, без возачка дозвола и поминал на црвено светло.

Граѓаните дополнително се возмемирени и револтирани по информацијата дека возачот им бил познат на органите бидејќи лани бил фатен со дрога и завршил во притвор, а потоа со одлука на Судот во попрвен дом. Тој предизвикал уште една сообраќајка без возачка на 4 ноември 2022 година, во која едно лице добило полесни повреди. Со изјавена согласност на оштетената, јавен обвинител донел решение со кое не се презема кривично гонење, а тој уплатил паричен износ од 18.000 денари.

Mинистерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави построги контроли и казни, но вели, најважно е правосудните органи соодветно да ги санкционират виновниците. Министерот за правда, Филков, пак, претходно рече дека потребна е промена на целиот систем.