Просторот околу скопскиот Аквадукт, кој со децении е депонија, треба да прерасне во парк, заклучија утрово претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за животна средина Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска неколкумина скопски градоначалници како и многумина еко-активисти на почетокот на тридневната национална акција за чистење „Генералка викенд“. Претседателката Сиљановска-Давкова рече дека е неопходен договор меѓу луѓето и природата во кој луѓето ќе гарантираат дека ќе ја штитат природата.
„Ние во правото велиме дека оној кој што е постар има посилни или поголеми права ама ај да се потсетиме на тоа, први настанале билките, па животните па луѓето. Луѓето се однесуваат како натрапници во рајот. Тоа е факт. Ако не се смириме со природата ќе се самоубиеме, тоа е факт. Можеби е добро што почнувате од овде, ова е еден прекрасен Аквадукт, замислете од пред 2000 години. Ова траба да биде парк. Ние треба да си ја заштитиме природата оти штитејќи ја неа се штитиме себеси. Време е да сфатиме дека ‘Генералка викенд’ треба да прерасне во генералка 365 дена, претседателката Сиљановска-Давкова и предложи следниот пат акцијата за чистење да почне од дворот на Собранието.
И министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити кажа дека акциите како „Генералка викенд“ треба да станат секојдневие, а посебна грижа заслужуваат културните споменици како Аквадуктот.
Акцијата и годинава ја поддржа австриската амбасада. Амбасадорот Мартин Памер со неколкумина колеги се вклучи во чистењето кај Аквадуктот.
„Мора да бидеме свесни дека ова е многу важно за нас, за вас како луѓе кои живеат овде, но и за имиџот на земјата и туризмот“, рече австрискиот амбасадор во земјава, Памер.
На 29 локации во земјава на кои се спроведува акцијата „Генерлака викенд“ волонтери од Црвениот крст се грижат за безбедноста на сите кои се вклучени во чистењето.
Акцијата за чистење „Генералка викенд“ ја организира „Мен енд Маунтен“ во соработка со „Пивара Скопје“, „Пакомак“, „Нула отпад“, „Шпаркасе банка“, ЕВН Македонија, „Макстил“, „Бучим Боров Дол“ и германската компанија „Костал“, а ја поддржаа локалните самоуправи и Министерството за животна средина.
Текстот Време е да сфатиме дека „Генералка викенд“ треба да прерасне во генералка 365 дена, вели претседателката Сиљановска-Давкова е превземен од МАКФАКС.