Зоран БОЈАРОВСКИ

Уште за време на одржувањето на 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје беа искажани признанија за Република Северна Македонија за, како што беше оценето, огромната работа што ја направи земјата за време на едногодишното претседавање организацијата за безбедност и соработка во исклучително тешко време.

Настанот, како најголем и најзначаен меѓународно-политички настан организиран во земјата од независноста, ги собра шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ – САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија, како и од далечниот исток со присуството на дипломати од Јапонија и Јужна Кореа, само по себе е историски успех имајќи ги предвид околностите на меѓународната сцена со војната во Украина, со драматичните и трагични борбени дејствија во Газа/Израел и со тензичната поларизација меѓу западот и истокот.

И покрај сето тоа, во услови на сложени и влошени односи меѓу големите сили во светот, се покажа дека иако мала според територијата, за Република Северна Македонија воопшто не беше обесхрабрувачки за да биде важен играч на меѓународната сцена. Пресудно во преземањето на една таква улога, освен храброста да се прифати предизвикот, е дека Северна Македонија е земја која негува и рефлектира вредности коишто светот ги препознава и ја прифати да биде вклучена во обликувањето на прашањата од исклучителен интерес и на светско ниво. Таква приказна создаде Република Северна Македонија.

Една мала држава, од регион во фокусот претседаваше со најголемата регионална безбедносна организација во светот која се протега од Ванкувер до Владивосток со 1,3 милијарди жители, 57 земји учеснички.

– До пред неколку дена беше невозможна мисија. Гледајте ги текстовите на меѓународните новински агенции, кои што зборуваа за пропаст на ОБСЕ, дека на ОБСЕ и се гледа крајот, дека нема шанси 57 земји членки, и САД и Русија да постигнат консензус за едно прашање. И Укриана и Русија. Никој не можеше да претпостави дека не само што ќе имаме консензус по однос на држава претседавач, туку ќе имаме и продолжување на мандатот на четворицата. Успеавме со истрајна политика, за што сакам да се заблагодарам на дипломатите во Министерството, изјави Османи.

Покрај изборот на новиот претседавач Малта, на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје е постигнат и првичен договор за продолжување на мандатот за девет месеци на генералниот секретар, на високите претставници за националните малцинства, слобода на медиуми и на Канцеларијата за демократски институции и човекови права.

Прашан како успеале Русија да се согласи на консензус за претседателството на Малта со Организацијата, Османи, рече, „без да бидам нескромен ‘со умешна демократија’“.

Секое потценување кон нашата дипломатија и потценувањето на нашата држава и нејзините капацитети, нагласи Османи, од денеска треба да престане и треба да се врати самодовербата во нас.

И навистина треба да биде така. Најавената стратегијата на Северна Македонија за време на претседавањето со најголемата регионална организација за безбедност и соработка на почетокот на мандатот е реализирана целосно. Освен фокусот врз кризните региони, а пред сѐ, воената агресија врз Украина, приоритетите како претседавач на ОБСЕ беа реафирмацијата на придобивките на оваа организација за безбедност и соработка и обновување на дијалогот и довербата, инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици.

Со овие остварувања Северна Македонија се афирмираше како активен чинител во генерирање на стабилност во поширок контекст.

Сите овие околности ја прават 2023 важна година за допопнителна меѓународна промоција на Република Северна Македонија. Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во улогата што нашата земја може да ја позиционира како држава којашто активно учествува во разрешување на конфилктите, во намалување на тензиите, во обновување на довербата меѓу народите, сѐ со цел да се прифатат безбедноста и соработката како темел за просперитетна иднина на народите.

Превземено од Рацин.мк.