Владата предводена од коалицијата „Вреди“ продолжува да ја демонстрира својата посветеност за подобрување на животниот стандард и економското зајакнување на граѓаните. Една од значајните мерки во оваа насока е зголемувањето на минималната плата на 400 евра (24.400 денари), што ќе почне да се спроведува од април и ќе се одрази на платите што работниците ќе ги добиваат во мај, најавуваат од оваа коалиција.

Како што најави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ова зголемување е резултат на имплементацијата на законската формула за утврдување на минималната плата, која се заснова на 50 отсто од индексот на расходи за претходната година и 50 отсто од просечната плата. Овој механизам гарантира правично и одржливо зголемување на платите, обезбедувајќи граѓаните директно да имаат корист од економскиот развој на земјата, додаваат од таму.

Според коалицијата, зголемувањето на минималната плата е важен чекор кон подобрување на условите за живот и зајакнување на куповната моќ на граѓаните. Сепак, како што велат, остануваат посветени на продолжување на реформите и другите мерки за поддршка кои позитивно ќе влијаат на благосостојбата на граѓаните и на економската стабилност на земјата.

„Во оваа насока, „Вреди“ ќе ја продолжи блиската соработка со синдикатите, бизнисите и сите релевантни чинители за да гарантира повисоки плати, подобри работни услови и фер економски развој.

Нашата заложба е јасна: да создадеме посилна, поправедна и поодржлива економија, каде секој граѓанин има можност за достоинствен живот“, нагласуваат во соопштението.

Текстот „Вреди“: Минималната плата ја зголемуваме на 400 евра, грижа за работниците со дела е превземен од МАКФАКС.