Човекот кој со години го меркаше тронот на Али Ахмети, денес се однесува како да е „паднат од Марс“, а не како да бил дел од сите Влади и да раководел со многу ресори, зад себе оставајќи низа скандали, порача Коалицијата Вреди во најновото соопштение.

Од Коалицијата обвинуваат дека Бујар Османи и ДУИ, и по две децении апсолутна власт, сè уште не ја научиле ниту вештината на достоинствено владеење, ниту културата на политичко однесување во опозиција.

„Ги гледаме заробени во патетична паника, молејќи за власт како да им е последен политички здив“, велат од Вреди.

Во отсуство на идеи и визија, според нив, ДУИ продолжува да ги лаже гласачите со празни ветувања и повици за предвремени избори, со единствена цел – да го спасат сопственото богатство и криминалното минато кое, како што велат, секојдневно излегува на виделина.

Во соопштението се посочува дека граѓаните многу добро знаат со кого имаат работа:

Со Бујар Османи, кој делел тендери за рента-кар како „бакшиш“ за пријатели и политички кругови;

Со Блерим Беџети, кого го нарекуваат „мајстор на башибозук-политиката“, кој заедно со Данела Арсовска го претворил Скопје во џунгла;

Со Артан Груби, кого го нарекуваат „бегалец“ кој завршил на црна листа поради спасувањето на Сашо Мијалков од затвор.

„И сега мислат дека Албанците ќе им веруваат? Каде се вашите ISO-стандардите? Дали добивте одговор од европските институции за вашите писма без одговор?“, прашуваат од Коалицијата Вреди.

Во продолжение, тие обвинија дека ДУИ, во собраниската Соба 16, ја понижила Албанската заедница нудејќи четири министерства и претседател на Собранието за да влезе во влада со ВМРО-ДПМНЕ, наместо со Коалицијата Вреди.

„Не е чудо што денес, кога ДУИ нема ни реална власт ни влијание, се служат со потпалувачка реторика и лажни приказни за понижување на Албанците“, велат од Вреди, додавајќи дека за ДУИ власта отсекогаш била извор на моќ и личен бенефит, а не обврска за иднината на народот.

„Без програмска и кадровска реформа, ДУИ нема да ја помириса власта многу долго време“, се заклучува во соопштението на Коалицијата Вреди.

Текстот Вреди: Корупциските досиеја на ДУИ им експлодираат едно по едно е превземен од МАКФАКС.