Вработените во Управата за јавни приходи-Регионална дирекција Тетово денеска од 10 до 11.30 часот пред нивните простории јавно протестира со единствено барање да им се зголемат платите за 30 отсто. Повереникот на синдикалната организација информираше дека се одлучиле на овој начин да изразат незадоволство затоа што не биле опфатени како управа во толкување на член 66 од Законот за буџет каде има предвидено зголемување на платата за 30 отсто.

– Сметаме дека како и сите други во склоп на Министерството за финансии ни следи зголемување на платите. Ние имаме за тоа поднесено и барање посебно и до работодавецот и министерот. Сакаме незадолството да го изразиме на конкретен начин согласно сите законски можности што се предвидени. Уште од лани пред да се планира буџетот имаме доставено барање до министерот за финансии и до работодавецот за покачување од 30 отсто. Барањето е оправдано базирано врз статистички податоци за покачување на кошница на трошоци, на сите инфлациони параметри и сите други параметри што се основ за синдикатот да бара, а тоа го предвидува и колективниот договор дека треба да се коригираат врз база на тие параметри и нашите плати, изјави Агрон Емини, повереник на синдикалната организација.

– Излеговме да изразиме незадоволство поради непочитувањето на одредите од член 66 од закон за буџет кој предвидува зголемување на платите на вработените покрај другите институции во состав на Министерството за финансии и на вработени во УЈП за 30 проценти. Ова е поблага мерка, следна порадикална мерка би било штрајк што ни е уставно загарантирано право доколку власта не ни излезе во пресрет на барањата кои се законски основани, изјави Тања Сибиновска, вработена во УЈП.

Според Емини, оваа синдикална организација не е против зголемување на платите во другите сектори на администрацијата, дури и ги поддржуваат тие барања.

Сметаме дека е многу оправдано, имајќи ги во обѕир сите измени кои настапија во економскиот дел на живеењето. Од 2009 имаме само пет посто покачување, а знаеме какви се измените во цените само последните 3-4 години, а да не зборам од 2009. Ние сакаме да го задржиме постојаниот статус којшто сме го имале, сметаме за себе дека сме еден орган кој е многу битен за функционирање на општеството. Ние во голем процент го полниме буџетот, тоа го правиме успешно неколку години наназад и секогаш сме го правеле. Така да мислам дека е оправдано ова барање, изјави Агрон Емини.

Синдикалците велат се во тек и во контакт со работодавецот, но конечна одлука очекуваат од Министерство за финансии.