Обвинителството покрена истрага за помагање за З.Д., вработениот во Народната банка, член на партијата на Љупчо Палевски, Десна, кој беше посочен oд Велибор Манев како човекот кој го зел ранецот со пиштолот и моторолите – клучни докази за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

„Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени“, велат од Обвинителството.

Се додава дека со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбедил и судски наредби со кои биле извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија.

Со цел обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање, како и да се определи повремено да се јавува кај службено лице во судот.

Од Обвинителството појаснија дека истрагата против ова лице претставува посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза.