Ловџика на трофеи од Јужна Африка и сопственик на фарма ја згрози јавноста ширум светот откако објави слики на кои позира со срцето на 17-годишна жирафа, која ја застрела и ја уби за време на ловечко патување во февруари.
Мерелизе ван дер Мерве (32) ги сподели сликите на нејзиниот профил на Фејсбук, со наслов на сликата: „Дали некогаш сте се запрашале колку е големо срцето на жирафата? Јас сум апсолутно над месечината со мојот голем подарок за Валентин“.
Според африканските медиуми, се верува дека ловот се случил во близина на Сан Сити, северозападно од Јоханесбург, за време на викендот на Св. Валентин. Нејзиниот сопруг, сопственик на фарма во Лимпопо, го организирал ловечкото патување како подарок за Денот на вљубените, за тоа потрошил 2000 долари.
Ван дер Мерве дополнително предизвика уште една бура од реакции кога во посебен пост на Фејсбук рече дека до сега убила над 500 животни, вклучувајќи лавови, слонови и леопарди, а од 2016 година сакала да улови црна жирафа од родот бик.
„Мојот прекрасен сопруг знаеше дека ова е мојот сон и целосно ме поддржуваше од романтичен викенд со 5 ѕвездички, па сè до тоа повторно да ловам низ грмушките“, напиша таа. „Бев буквално како мало дете, 2 недели и ги одбројував деновите“.
Таа за британскиот Мирор и рече дека од кожата од жирафата сака да си направи ќилим.
Според психолозите, кај луѓето што се фиксираат на убивање конкретно живо суштество поради трофејот од самиот факт што се убива, постои извесна психопатолошка состојба, која може да биде поврзана со нарцисоидност, но и со комплекс на пониска вредност.
Корисниците на интернет почнаа петиција на Change.org во која бараат Фејсбук да и забрани на ван Дер Мерве да споделува вести и слики. За сега има повеќе од 10 184 потписи.
Ван Дер Мерве тврди дека убиството било етичко бидејќи жирафата била стара и нејзината смрт би овозможила друга жирафа „да ја преземе и да обезбеди нова силна генетика за стадото“. Таа исто така тврди дека убиството создавало работни места и обезбедувало месо за локалното население за тој ден.
Ловот на трофеи е легален во Јужна Африка, а животните кои се дозволени за лов вклучуваат биволи, крокодил, слон, нилски коњи, леопарди, лавови, жирафи, ној и зебра меѓу другите животни.