Со цел поголема безбедност во сообраќајот Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во пресрет на празниците реализира кампања под мотото „Вози одговорно за среќна и безбедна година!“
Не управувај со моторно возило доколку си под дејство на алкохол! Ова е една од главните пораки до возачите во пресрет на празниците.
Кампањата се реализира со цел укажување на штетното дејство на алкохолот врз способноста за управување со моторно возило и подигнување на свеста кај возачите за одговорно учество во сообраќајот.
Алкохолот е една од водечките причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици, кои може да ги засегнат не само возачите, туку и сопатниците и пешаците. Возењето под дејство на алкохол, дури и при ниски нивоа на алкохол во крвта, предизвикува проблеми со концентрацијата на возачите, ја намалува координацијата на мускулите и ја нарушува способноста за расудување и идентификација на ризиците во околината на патот.
Токму затоа со оваа кампања се укажува на значењето на одговорното возење, почитувањето на сообраќајните правила и прописи, внимателноста и грижата за сите учесници во сообраќајот. Се препорачува возачите да користат такси превоз доколку одлучат да користат алкохол, или, пак, нивното возило да го управува сопатник/пријател кој не пиел, како и одземање на клучевите од возилото на вашиот пријател кој користел алкохол со цел спречување да вози пијан и осигурување на неговата безбедност.
РСБСП апелира: Не управувај со моторно возило доколку си под дејство на алкохол! Грижи се за својата и за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Вози одговорно и патувај безбедно.
Дел од препораките е и да се направи зимска проверка на возилото.
Неповолните временски услови на патиштата (влажни коловози, пониски температури, врнежи на дожд и снег, намалена видливост) може да го зголемат времето на реакција на возачите, да ги деконцентрираат, да го продолжат сопирачкиот пат на возилото и сл. Затоа РСБСП советува да се провери возилото и да се подготви за зимските услови, да се почитува законската обврска за носење на зимска опрема и да се придонесе за побезбедно учество во сообраќајот на патиштата.