Со пароли „Воздухот ни е отров, власта ни е глува“, „Партиска книшка штити од загадување???“ и повици за чист воздух, скопјани протестираа поради загадувањето во главниот град.

Протестниот марш почна од пред Министерството за животна средина, а заврши пред Град Скопје, не заобиколувајќи ги ниту Владата и Собранието.

Собраните на протестот упатија повеќе барања кон надлежните, меѓу кои постојан мониторинг на индустриските објекти за да се откријат загадувачите. Побарано беше и еколошко загревање на објекти кои се уште користат мазут, како и потребата да му се даде проиоритет на јавниот превоз и велосипедите, наспроти автомобилите кои загадуваат. Демонстрантите повикаа и на подобро управување со отпадот.

Организаторите истакнаа дека надлежните сè уште не одговориле на нивните барања за чист воздух по протестот што се одржа на 10 декември.

Протестот го поддржаа „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Скопје смог аларм“, „Независни за Карпош“, „O2 иницијатива“, „Зелените од Гази Баба“, „Иницијатива за ослободување од еднократна пластика“, „На точак“, „Go Green – Биди зелен“ и „Слобода на говорот“. Претходно денес стигна поддршка и од политичката партија ДОМ која повика на промоција на обновливи извори на енергија и воведување на енергетски ефикасни решенија до зајакнување на инспекциските контроли и казнување на загадувачите.

Според информациите на Светската банка објавени минатата недела, загадувањето годишно убива 2.800 државјани на Македонија, а жителите на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични ПМ 2,5 честички, во споредба со граѓаните во земјите од Западна Европа.