Во дворот на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во Тетово се чуваат околу 40 возила кои сообраќајните полицајци ги одзеле на определен временски период поради истечена регистрација повеќе од шест месеци. Таму се чуваат и голем број возила од скапите и луксузни марки како порше, бмв, мерцедес и други. Возилата се запленети во изминатиот период од три месеци од кога стапија на сила измените во законот за безбедност во сообраќајот.
-Поради истечена регистрација повеќе од шест месеци возилото се задржува на 90 дена. По истекот на тие 90 дена сопственикот мора да достави доказ за регистрација во полицијата за да му биде вратено возилото. Воедно за сите вакви прекршоци е предвидена е и парична казна, објаснуваат од сообраќајната полиција.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски кој денес беше во посета на тетовската сообраќајна полиција вели дека покрај засилени акциски контроли се спроведуваат и превентивни акции.
-Во тек е акцијата со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот за носење на сигурносен појас и исто така имаме и други кампањи со кои се обидуваме да ја подигнеме сообраќајната култура кај граѓаните, изјави Ангеловски.
Тој информираше дека во претходните денови имало засилени контроли на патиштата од Гевгелија до Скопје и од Куманово до Охрид.
-Во текот на вчерашниот ден имаме 325 санкции за брзо возење на овие правци од кои 194 се на територија на СВР Тетово. Другите санкции се изречени од мобилната екипа на МВР, СВР Скопје, СВР Охрид и другите сектори. Засилените акциски контроли продолжуваат и во текот на денешниот ден како и во текот на наредните денови и апелирам до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за заеднички да ги придонесеме за побезбеден сообраќај на нашите патишта. Додека траат овие засилени акциски контроли евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди и особено на бројот на жртви од сообраќајни незгоди, објасни портпаролот.
Според информациите на Ангеловски минатата годинаима 125 жртви, што е рекордно најмал број на жртви во сообраќајни незгоди и интенцијата е уште поголемо намалување на бројката и спасување на човечки животи.