На овој ден православните христијани се кршат со вапсани јајца во црвена боја, со што го означуваат Христовото воскресение, при што велат: „Христос воскресна“, „Навистина воскресна“. Овој поздрав православните христијани го користат во секоја пригода сѐ до празникот Вознесение Христово, Спасовден.
Според толкувањата на теолозите на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, се случило воскресението на Господ Исус Христос, со што ја извојувал најголемата победа за луѓето, победата над гревот и смртта.
– Иако луѓето сѐ уште умираат и ќе умираат до крајот на светот и времето, сепак, смртта веќе нема власт над човечките души за да ги држи во Адот, туку луѓето, доколку живееле правилен и добродетелен живот, воскреснуваат за трајна заедница со Бога. Воскресението Христово и неговото доаѓање во светот биле проречени уште во Стариот завет – велат теолозите.
Според нив, на овој настан му претходеле многу други случувања, како Христовото влегување во Ерусалим, кое го празнуваме на Цветници, Тајната вечера, за која се сеќаваме на Величетврток, Христовото распнување и погребение, кое го одбележуваме на Велипеток.
Оваа година за време на велигденските празници, односно во сабота кон недела нема да има ограничување на движењето на граѓаните, па, така, верниците ќе можат да ги посетат верските храмови и да го дочекаат воскресението.
Свештениците, пак, потсетуваат дека токму овој празник бара послушност и воздржување.
Велигден, поради својата торжественост, се празнува три дена.
Од тоа кога ќе падне Велигден, зависи и датумот на празнување на Вознесението Христово – Спасовден и на Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите – Духовден.
Пред празникот Воскресение, односно Велигден, христијаните се подготвуваат со пост, кој трае седум недели.
Г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА, во Велигденското послание им порачува на верниците да бидат претпазливи и трпеливи.
– Живееме во време со постојани искушенија.
А како и сиот свет, и ние се соочуваме со здравствени проблеми, со ширењето на заразната болест, кое продре во сите сегменти од живеењето. Затоа татковски повикувавме и повикуваме на трпеливо прифаќање и на спроведување на предвидените мерки, на претпазливо чување на своето и на здравјето на другите, како и навремено примање соодветни лекарства и вакцини – вели г.г. Стефан.
Според него, потребно е да се оддадеме и на постојана молитва, и за тие што боледуваат, и за тие што се трудат околу нив, како и за душите на оние коишто починале од последиците на болеста.
– Господ Христос, преку својата жртва, го победи секое страдање и ни донесе радост, која никој не може да ни ја одземе. Затоа, да му благодариме за сѐ на Бога, распнатиот и воскреснатиот, покорувајќи се на неговата волја и молејќи го да ни дарува трпение и послушание, да нѐ упати кон секое добро дело, да нѐ утврди во верата и да нѐ подготви за достојни исполнители на неговото свето евангелие – порача поглаварот.