Во ек на летната туристичка сезона, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат вонредни, засилени контроли на операторите со храна во туристичките центри во земјава.
Од АХВ информираат дека во изминативе три дена, спроведени се вонредни контроли во Охридско – Струшкиот регион и во Дојран. Со засилените контроли, чија цел е спречување на евентуални труења и инфекции од храна, кои лесно можат да се случат како последица на високите температури, во наредниов период опфатени ќе бидат и останатите туристички центри во земјава, вклучително и планинските.
Спроведени се контроли во хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе барови, маркети и други објекти, каде има зголемена фреквенција на туристи. Зајакнати контроли се спроведуваат и во малопродажните објекти во сите населени места.
Со вонредните контроли во Охридско – Струшкиот регион опфатени беа 89 оператори со храна. За утврдените неусогласености ( најдена храна со поминат рок, лоши хигиено-технички услови, нерегистрирани оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство и др.), издадени се 15 наредби за отстранување на утврдените недоследности, изречени се две забрани за вршење на дејност, 22 мерки едукација на операторите, а изречени се и и 14 парични кзни. Како небезбедни, од страна на инспекциксите служби на Агенцијата, уништени се 203 килограми храна.
Со спроведените вионредни инспекциски контроли на дваесеттина оператори со храна во Дојран, кај пет од контролираните оператори евидентирани се отстапувања во однос на HACCP плановите, отсуство или несоодветно означување на храната, особено на алергените и други неусогласености од помал обем. Изречени се 4 мерки за отстранување на утврдените неусогласености, 4 мерки едукација и 2 парични казни. Како небезбедни, во Дојран нештетно се уништени само 5,6 килограми храна.
Во услови на зголемени температури, а со нив и зголемен ризик за расипување на храната, апелираме до граѓаните храна да купуваат од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано безбедносните системи, а како потрошувачи да внимаваат и на означувањето на производите и каде и како истите се чуваат. Како одговорна институција за безбедноста на храната ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, но и лично, или на електронската пошта [email protected], информираат од Агенцијата.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.