Зголемен е процентот на отчитување на броилата на 95% на тримесечно ниво (на 90% на месечно ниво), таргетирани се 10.000 потрошувачи кои во последните две години имале приговори или поплаки во врска со фактури и со нив е почната етапна телефонска комуникација – ова се дел од сетот на активни мерки што по налог на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги презеде операторот на електро-дистрибутивниот систем Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје.
Во пресрет на зимските месеци, на иницијатива на РКЕ се одржа координативен состанок со Електродистрибуција ДООЕЛ, каде првите луѓе на компанијата реферираа за преземените мерки со цел подобрување на услугата и воспоставување на двонасочна комуникација со потрошувачот, а се со цел јакнење на довербата, транспарентноста и отчетноста.
Регулаторите напоменаа дека клучно е во првите недели од јануари да продолжи редовното отчитување, за што од Електродистрибуција информираа дека имајќи го во предвид овогодинешното искуство со поплаките за претстојните празници се организирани во вонредни екипи кои и за време на празниците и викендите ќе вршат отчитување се со цел потрошувачите да добиваат сметки со реална, а не прогнозирана потрошувачка.
Од Електродистрибуција ДООЕЛ информира дека од 1 декември годинава, проширени се дигиталните опции за потрошувачите и е ставена во функција новата услуга за онлине корекција на фактура, мобилизирани се вработените да им помогнат на потрошувачите во креирање на кориснички профил.
Во исто време достапни се и останатите претходно воведени дигитални услуги како „Пријави состојба“, „Е-фактура“, и примена на ознака на фактурата со „О“- отчитано или „М“- проценета состојба со што потрошувачите знаат точно дали добиваат сметка со реална потрошувачка, или истата е базирана врз основа на проценета состојба.
Од РКЕ и Електродистрибуција упатија апел до потрошувачите да продолжат со одговорно трошење на електричната енергија и во текот на зимскиот период.
Текстот Вонредни екипи ќе ги читаат броилата за време на празниците и викендите е превземен од МАКФАКС.























