Бензинските пумпи од Флорида до Вирџинија почнаа да остануваат без гориво, а цените да растат откако мрежата на американскиот оператор за нафтоводи „Колонијал“ е блокирана петти ден по хакерски напад.
Северна Каролина, Вирџинија и Флорида прогласија вонредна состојба.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден предвидува дека „Колонијал“, кој обезбедува скоро половина од доставките на гориво на источниот брег, ќе продолжи со работа за неколку дена и ги повика луѓето да не ги полнат резервоарите.
– Ги повикуваме луѓето да не прават преголеми резерви, рече министерката за енергетика Џенифер Гранхолм, уверувајќи дека работите наскоро ќе се вратат во нормала.
„Колонијал“ беше принуден да ја затвори својата огромна мрежа поради хакерски напад во петокот, со таканаречен рансомвер – код што ги криптира компјутерските системи, а хакерите бараат откуп за да ги деблокираат.
Обидот за кибер-уцена е дело на хакерска група позната како „Темна страна“ (Dark side), која краде од корпорациите и донира дел од украденото во добротворни цели. Трагите од нападот водат кон Источна Европа.
Бајден сепак истакна дека засега нема докази дека зад нападот стои Русија, како што се шпекулираше во американските медиуми.
„Колонијал“ транспортира бензин и дизел гориво преку цевководи со вкупна должина од 8.800 километри во земјата. Компанијата со седиште во Џорџија превезува бензин и друго гориво од Тексас до североисток. „Колонијал“ доставува приближно 45 проценти од горивото што се користи на источниот брег на САД.
Цената на безоловниот бензин се доближи до 2,99 американски долари за галон (1,3 долари за литар), што е највисока цена од ноември 2014 година, соопшти Американската автомобилска асоцијација.