Во Клиничката болница во Битола денес започна вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за да се утврдат реалните факти како биле лекувано петгодишното девојче Јана Христовска која завчера почина во болницата откако претходно примила инфузија, пишува СДК.мк

Министерот за здравство Фатмир Меџети рече дека и тие го чекаат исходот од вонредниот инспекциски надзор, ќе контактираат и со семејството на починатото девојче по што ќе излезат уште во текот на денешниот ден со информации во јавноста. Основното јавно обвинителство од Битола издаде наредби и насоки за да се извршат сите неопходни проверки за случајот. Од таму соопштија дека причината за смрт на девојчето сè уште не е утврдена.

Јана Христовска од битолското село Кравари која почина во средата, денес ќе биде погребана. Веста за нејзината смрт ја потресе јавноста. Нејзиниот татко Стојче Христовски изјави дека на девојчето ѝ била дадена инфузија по што шеќерот кој бил девет се покачил на 19 и состојбата и се искомплицирала.