Според извештај на САД за потеклото на ковид-19, хипотезата дека новиот коронавирус „протекол“ од кинеска лабораторија во Вухан е можна и заслужува понатамошна истрага, објави „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на извори запознати со содржината на тајниот документ.

Студија на Националната лабораторија „Лоренс Ливермор“ во Калифорнија, беше подготвена во мај минатата година и испратена до американскиот Стејт департмент кога се истражуваше потеклото на пандемијата, за време на последните месеци на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Advertisements

Проценката на американската лабораторија дека вирусот „избегал“ од лабораторијата, според „Волстрит џурнал“, произлегла од анализа на геномот на вирусот ковид-19. Сепак, лабораторијата „Лоренс Ливермор“ одби да го коментира написот.

Ова привлекува внимание, со оглед дека американскиот претседател Џо Бајден во мај рече дека побарал помош за да најде одговори за потеклото на ковид-19.

Според американските разузнавачки агенции, постојат две можни сценарија – дека вирусот се проширил по лабораториска несреќа или бил предизвикан од човечки контакт со заразено животно, но заклучоците сè уште не се донесени.

Во таен извештај на разузнавачките служби на САД, што циркулираше за време на администрацијата на Трамп, се вели дека тројца научници од кинескиот институт за вирусологија во Вухан во ноември 2019 година биле болни и побарале болничка нега.