Стотици воени ветерани се судрија со полицијата во Приштина откако се обидоа да ги пробијат бариерите за да влезат во Националното собрание на Косово, притоа барајќи зголемување на пензиите.
Според косовската полиција, за време на протестите биле повредени двајца полицајци, додека еден граѓанин побарал медицинска помош поради солзавец.
Косовската полиција реагираше за да ги спречи насобраните да влезат во Собранието на Косово, но потенцираат дека во таа прилика не употребиле солзавец. Оттаму сметаат дека дел од луѓето кои биле на протестот на ветераните го фрлиле солзавецот.
Протестот беше организиран додека пратениците расправаа за предлогот минималната месечна плата да се зголеми на 250 евра, од сегашните 170 евра.
Пензија на косовските воени ветерани е колку минималната плата.
Вршителот на должноста претседател на Здружението на Ослободителната војска на Косово(ОВК), Фатон Клинаку изјави дека протестот е неопходен бидејќи пратениците се обидуваат да ги исклучат ветераните од зголемувањето предвидено во законодавството за минимална плата што се разгледува.
Гласањето за законот не се одржа бидејќи немаше кворум во законодавниот дом.