Државниот советник во Министерството за одбрана полковникот Мухаедин Беља ја обвинува поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска дека за времето не нејзиното министерување го прекршила уставното начело за правична и соодветна застапеност.
Полковникот Беља тврди дека од 15 државни советници има само еден Албанец, а во Воената академија нема ниту еден професор Албанец.
Тој се жали дека на воената академија бројот на питомци Албанци е многу мал, секоја година по двајца, затоа што над 70 отсто од нив се елиминираат на психолошки тестови.
„Да имав висока функција јас ќе бев многу загрижен. Или членовите на Комисијата се корумпирани, или со овие млади не се во ред нешто. Јас не верувам дека тие имаат психолошки проблеми, туку нема политичка волја да има повеќе офицери Албанци во Армијата“, вели полковник Беља.
Според него, проблеми има и со праќање на војниците и офицерите на мировните мисии, во кои некои војници и офицери се пратени по пет пати, а некои ниту еднаш.