Пандемијата Ковид-19 веројатно до есен или зима ќе стане епидемија за која се очекува да се повторува секоја година, но сепак истата ќе може да се контролира со вакцина – тврди Кристијан Дростен, водечки германски виролог.
Дростен истакнал дека верува дека бројот на случаи на коронавирусот ќе се зголеми по летото, но дека болеста ќе може да се контролира.
Иако порастот би можел да се опише како „четврти бран“, тоа всушност ќе биде „сезонска епидемија“ која ќе се повторува на неколку години, но би можела да се контролира со вакцините, пренесува „Guardian“.
Овој шеф по вирологија во берлинската болница „Cherite“ изјавил дека вирусот е сè повеќе под контрола, но дека сега опасноста им се заканува на луѓето кои сè уште не ја примиле втората доза на вакцината или пак веруваат дека вакцините не им се потребни.
Моментално сме во преодна фаза. Следната цел која мора да ја зацртаме е да вакцинираме 80 отсто од возрасната популација – истакнал Дростен и додал дека очекува Германија таа цел да ја достигне до средината на септември.
Во Германија 23 отсто од популацијата целосно е вакцинирана, додека пак 47 отсто примила барем една доза од вакцината.
Дростен исто така истакнал дека фокусот треба да се стави на децата и на оние кои брзо по вакцинацијата ги губат антителата.
Веројатно тоа ќе бидат повозрасните луѓе или оние кои не реагираат доволно моќно на вакцината, кои ќе покажат очигледно губење на имунитетот по половина или цела година, додека на младите луѓе тоа веројатно нема да им се случи – смета тој.
Дростен додал и дека сите очи на експертите се насочени кон т.н. „дупла варијанта или мутација“ која првпат беше откриена во Индија, а која брзо се шири и во Велика Британија.
Имаме некои групи на луѓе кои сè уште не се вакцинирани, имаме и онакви кои примиле само една доза од вакцината, а потоа не сакале да ја примат втората, имаме и деца. Би кажал дека тоа ќе доведе до локално ширење на болеста, но не и до нов бран на пандемија – прокоментирал Дростен.
Ковид-19 би можел да се однесува како и останатите видови на коронавирусот кои предизвикуваат симптоми слични на настинка, заклучил Дростен.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.