Министерот за здравство Арбен Таравари уверува дека Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е подготвен за утрешниот прекин во водоснабдувањето во Скопје, со кој ќе биде опфатен и Клиничкиот центар. Вода за пиење е обезбедена со донации, а министерот најави и редуцирање на закажаните операции.

„Веќе обезбедивме вода со донација, Клиничкиот центар комплетно ќе биде покриен. Ќе се обидеме да се редуцираат интервенциите, меѓутоа она што е неопходно, веќе комплетно Клиничкиот центар, а се надевам и другите болници во Скопје, оние што ќе бидат опфатени со редукција на вода, ќе бидат покриени и веќе имаме донација, да не ги сопмнувам донаторите. Би сакал само да им се заблагодарам на оние што доброволно се пријавија да донираат за да не останеме без вода“, рече министерот Таравари и нагласи дека не може да каже колку операции се одложени оти нема точна бројка.

ЈП „Водовод и канализација“ најави дека утре од раните утрински часови ќе биде сопрено водоснабдувањето во голем дел од градот. Граѓаните се очекува да останат без вода 15 часа, период во кој од „Водовод“ очекуваат дека ќе бидат поправени неколку дефекти во мрежата.