Во Земјоделското училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци беше организиран натпревар за најдобро вино произведено од ученици идни енолози. Во текот на денешниот ден стручни лица ги дегустираа мострите вина и ги оценуваа на квалитет.

– Вината се произведени од вештите раце на нашите вредни ученици, идни енолози, со знаења што ги добија овде во нашето училиште. Македонија е земја богата  со голема традиција и умешност во производството на прекрасни вина. Виното е еден од најголемите македонски брендови, еден од човековите производи кои се издигнуваат до божествена грандиозност, тоа добива своја личност и карактер, се раѓа, созрева, старее и секоја фаза од неговото создавање заслужува огромна почит, а СОЗШУ „Ѓорче Петров“ е извор на знаења во врска со овој божествен пијалок, појаснија од училиштето.

Оттаму нагласија дека преку дегустација на млади вина произведени од ученици и училиштето се вклучува во светските настани, за одбележување на младото вино и на свој начин му дава свое автентично обележје.