Во Македонија има околку 130 илјади дијагностицирани пациенти со дијабет. Изминатата година дијабетичарите ја прогласија за најтешка бидејќи немаа терапија. Под мотото „Благостојбата кај лицата со Дијабетес – создаваме дијабетес култура“денеска Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија го одбележи Светскиот ден на дијабетесот.

Како што беше посочено на настанот, дијабетесот во земјава е во подем и има околу 130 илјади пациенти со дијагностициран дијабетес, како и уште половина од оваа бројка лица кои што не се дијагностицирани. Под мотото „Благостојбата кај лицата со дијабетес“ беше испратена порака за превенирање на компликациите на пациентите, да се обрне внимание на примарната заштита, како и навремено да се поставуваат дијагнозите на пациентите за отпочнување со терапија.

Претседателот на СЗДСМ, Велев, посочи дека е потребна достапност на иновативната терамија, како и да се продолжи со инсулинската терапија како досега. Повика на промена на моделот на т.н. референтна цена за граѓаните да можат сами да ги набавуваат потребните лекови во аптека.

– Го одбележуваме Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември, оваа година како финале на сите активности на 25-те здруженија од земјава, да ги слушнеме нивните гласови преку тие активности и да се решат нивните проблеми. Пред се достапност на иновативната терапија, да се продолжи со инсулинската терапија како што е, да се промени моделот на достапност на т.н. референтна цена, кај што граѓанинот, односно пациентот сам ќе си зема од аптека, систем за сите лица со дијабетес тип 1 во Македонија со цел да се намалат компликациите, да се намали нивното отсуство од работа и да се зголеми продуктивноста, со квалитетно менаџирање на тој систем за континуирано мерење на гликемија и секако ќе расте бројот на лица кои носат Т-1 пумпи, посочи Велев.

Нагласи дека кардиоваскуларните заболувања се процентуално најзастапени, потоа ретинопатијата, затоа, додаде, потребно е час поскоро да се стави терапијата за ретинопатијата на позитивната листа.

– Кардиоваскуларните заболувања се најбројни, потоа ретинопатијата. Сакаме час поскоро да ја имаме таа терапија, наместо да ја купуваме приватно, која е многу скапа, да биде ставена на позитивна листа и да има за сите пациенти, а не како сега со ограничен пристап, додаде Велев.

Заменик министерот за здравство Андовски, пак, истакна дека Министерството е во преговори со Светската здравствена организација за проширување на превентивните програми.

– Министерството за здравство е во длабоки преговори со Светската здравствена организација за проширување на превентивните програми, бидејќи сметам дека треба таму се фокусираме. До крајот на годината ќе излеземе со детали во однос на проширување на програмите, рече Андовски.