Сегашниот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, кој 12 години беше градоначалник на Општина Чаир, повика институциите да постапуваат по обвинувањата за дивоградби од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Градоначалничката Арсовска, по повеќе од три години молк, последниов месец, посетува градилишта на дивоградби во Чаир, обвинува за криминал и фалсификати и укажува дека има дивоградби изградени и во периодот додека градоначалник беше Меџити. Тој како кадар на ДУИ доби три мандати во Чаир и беше градоначалник од 2005 до 2017 година.

„Во однос на дивоградбите бројката е над 200.000 на ниво на државата. Ги има во сите 80 општини, а по бројката на дивоградби предничи Гостивар. Јас ги повикувам институциите да делуваат каде што има спроведени работи надвор од законот. Ќе ги оставиме да делуваат секаде, но не селективно, како што имаше интенција од градоначалничката“, рече Меџити попладнево на прес-конференција во Владата, одговарајќи на новинарски прашања.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денес кажа дека дивоградбите за кои ќе се утврди дека се закана за безбедноста ќе бидат урнати и извести дека нивниот Оддел за организиран криминал е влезен во Чаир, но и во Сарај и во Аеродром, а ќе се проверува документацијата на и на Општина Кисела Вода.