Оние кои отслужуваат казна во затворите на Северна Македонија со години се жалат на условите. Ова се фотографиите кои во последно време кружеа на социјалните мрежи од неколку затвори во земјава. Ирена Здравкова од здружението Млади правници вели дека има подобрување вво однос на реновирани затворски капацитети, но проблем и натаму останува недостигот од медицински персонал.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ вели дека последниве години има напредок и во однос на подобрување на условите во притворските и затворски установи како и во односот кон овие лица.
Фрејк Јанмат раководител на секторот за економски прашања, градење институции, прекугранична соработка при делегацијата на ЕУ во РСМ, вели дека затворениците заслужуваат соодветен третман и достоинствени услови во кој било затвор или казнено-поправен дом.
„Ќе биде важно за претстојните преговори да се обрне внимание на оваа проблематика, бидејќи вниманието што овој проект се обидува да го привлече е помеѓу невладините, институциите и населението во однос на условите во затворите и други поправни установи“, истакна Фрејк Јанмат.
Ова беше речено на презентацијата и мониторингот на здружението Млади правници и Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот при што се остварени 29 редовни посети на затворските институции. Беа презентирани главните забелешки и препораки произлезени од овој мониторинг како и препораките и идните активности за спречување тортура и нечовечко однесување во затворските и другите институции за лишување од слобода.