Вториот тим на МЗТ Скопје, односно јуниорите МЗТ Скопје УНИ Банка и официјално остануваат во Првата кошаркарска лига. Ова доаѓа откако Арбитражната комисија при Кошаркарската федерација на Македонија ја одби жалбата на КК Вардар.
Вардар се жалеше на одлуката на комесарот Александар Милојевиќ кој додели службена победа на вториот меч од плејаутот на МЗТ Скопје УНИ Банка.
-Со ова е ставен крај на битката за останување во елитата и официјализиран триумфот на нашиот младински состав над Вардар со 2-0 и обезбедување трета сезона во друштво на најдобрите во македонската кошарка. Ова е огромен успех за нашиот втор тим, кој со тинејџери со просек од 18 години и со само еден странец, успеа да ја оствари целта против екипи со далеку поискусни играчи, кои не жалеа пари за ангажирање на дури пет интернационалци, велат од МЗТ Скопје.
Тимот од Аеродром доби службена победа во вториот меч од плејаут, која автоматски значеше задржување на прволигашкиот статус.