Биеналната изложба „Скици 2022“ синоќа беше отворена во Уметничката галерија „Цвета Шуманова“, во Велинград, Република Бугарија, соопштија денеска организаторите од Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово. Тамошната публика имаше можност да разгледа триесетина дела работени од 14 ликовни уметници од Куманово.

– Изложбата е отворена во рамки на манифестацијата од областа на културата, „Велинградските празници“, под покровителство на Општина Велинград, а по покана од Уметничката галерија во Велинград и директорот Стојчо Маров. Изложбата ќе придонесе за зближување помеѓу двете културни институции, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово и Уметничката галерија од Велинград. Преку културата и запознавањето сакаме да придонесеме до зближување на нашите две држави. Се заблагодаруваме на поканата од галеријата од Велинград, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.

Тој информираше дека НУЦК има покана за гостување и од галеријата од град Плевен, Бугарија.

Изложба на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово

– Последниве години Куманово стана расадник на млади, талентирани, креативни уметници. Оваа изложба веќе ја промовиравме и во Неготино, а ќе ја промовираме и во други градови откако ќе се врати од Бугарија, затоа што навистина публиката заслужува да ја види. Идната година очекуваме возвратна посета на ликовните уметници од Велинград со своја изложба во Куманово, изјави Тодоровски.

Пред бугарската публика се презентираа авторите Зоран Јакимовски, Мухамедали Алили-Дали, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски-Бабата, Милена Арсовска, Симона Јакимовска, Александар Стефановски, Ана Јовановска, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски, Марија Величковска и Симона Димковиќ.

Изложбата е финансирана од Министерството за култура, а во организација на Центарот за култура Куманово.