Утрешниот ден, 18 октомри, ќе биде Ден на жалост во Велес, поради сообраќајната несреќа кај Катланово во која животот го загубија три лица од овој град.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев изрази сочувство до семејствата на загинатите сограѓани.

„Трагедиите како оваа која се случи вчеравечер ни ја покажуваат кревкоста на животот и не потсетува на она што е навистина важно. Искрено сочувство до семејствата на загинатите сограѓани во сообраќајната несреќа, нашите мисли и молитви остануваат со повредените и посакуваме побрзо опоравување. На денешната седница на Советот на Општина Велес со едноминутно молчење ја искажавме нашата тага и жал, и по итна точка на дневен ред Советот донесе одлука утрешниот ден да биде ден на жалост во Велес“, сподели Колев.

МВР претходно денес објави дека загинале три лица во сообраќајната несреќа што се случи вчера попладне на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово кога се преврте комбе.

Загинатите се А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес.

Од овој град се и лицата кои се здобија со тешки телесни повреди – возачот О.Д. и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41).

Според информациите од МВР, до несреќата дошло кога комбето во кое се превезувале излетало од патот и се превртело.