Во ударните термини на телевизиите најмногу се емитуваат серии и серијали (45 %), по што следуваат информативните емисии со 24 % и играните филмови со 22 %, а најмалку застапени се документарните програми со 5 % како и хумористичните и музичките програми со по 2 %, покажаа резултатите од анализата што ја спроведе Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги „Родот во медиумите 2024: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во ударното време на националните телевизии“.
Во анализата се опфатени содржините емитувани на програмските сервиси МРТ 1, МРТ 2, Алсат – М, Алфа, Канал 5, Сител и Телма во периодот од 9 до 22 септември 2024 година. Во фокусот на ова истражување беа содржините што се емитуваа непосредно по завршувањето на централните вести на овие телевизии, бидејќи токму тие програми привлекуваат најголем број гледачи и соодветно на тоа имаат значително влијание врз формирањето на ставовите и перцепциите на јавноста.
„Резултатите од анализата покажаа дека во ударните термини на телевизиите најмногу се емитуваа серии и серијали (45 %), по што следуваа информативните емисии со 24 % и играните филмови со 22 %, а најмалку застапени беа документарните програми со 5 % како и хумористичните и музичките програми со по 2 %. Онаму каде што доминираа серијалите од турска продукција, жените на екранот беа подолго прикажани од мажите (во 52 % од времето на екранот и исто толку во времето поминато во говорот), а во сите останати содржини процентот на времето во кое мажите се прикажуваа на екранот беше многу поголем од процентот на жени“, покажа анализата.
Анализата покажа дека во повеќето анализирани содржини, објективизацијата и сексуализацијата на жените била минимална или отсутна, што е позитивен знак за почит кон родовата еднаквост.
Во некои емисии, особено во информативните програми, забележани биле обиди за користење родово сензитивен јазик, што претставува позитивен чекор кон инклузивноста.
Родово стереотипниот јазик се јавувал поретко, додека најчесто се користел неутрален јазик во речиси сите типови на програмски содржини.