Според месечната анализа на Дирекцијата за технолошко-индустриски зони (ТИРЗ), регистрирана е највисока економска активност во технолошко индустриските зони во првиот квартал, во последните четири години во однос на извозот и увозот.
Во првиот квартал од 2021 година, според анализите на ТИРЗ, извозната активност во индустриските зони под надлежност на Владата достигна износ од 776 милиони евра што е за 30 проценти повеќе од истиот период во 2020 година. Во однос на 2018 година порастот е над 41 отсто, а на месечно ниво, извозната активност во март 2021 година е највисока во изминатите четири години и достигна ниво од 260 милиони евра, што е за 67 милиони повеќе од истиот месец во 2020 година.
-Во однос на увозот регистрирано е највисоко ниво досега во однос на споредбата по квартали во изминативе четири години. Така увозот во првиот квартал од годинава достигна 736 милиони евра и е за 34 проценти повисок од првиот квартал лани, а дури за 50 отсто повисок споредено со првиот квартал во 2018 година, се вели во соопштението.
Од ТИРЗ информираат дека највисоко ниво на учество во севкупниот увоз досега е регистриран во зоните во март, односно 36 проценти, како и дека месечниот увоз во ТИРЗ во 2021 година го надминува месечниот увоз за ист период во изминатите четири години. Спореде анализата тоа се 243 милиони евра односно 87 милиони повеќе од истиот месец лани.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски најави нови странски инвестиции, а вели дека трендот на раст на увозот е поврзан со зголемената инвестициска активност во зоните.
-Изминативе пет месеци успеавме да поттикнеме инвестициски проекти кај 15 компании кои вкупно тежат околу 250 милиони евра и кои предвидуваат отворање на дополнителни 5.500 нови работни места. Едната е инвестиција во девет цифри, односно повеќе од 100 милиони евра. Со овие компании разговараме во моментов и можам да кажам дека добар дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата што е чекор пред склучување на договор, изјави Деспотовски.
Редовната месечна анализа на Дирекцијата на ТИРЗ за месец март покажува продолжување на позитивниот тренд и во однос на покриеноста на увозот со извозот. Така, во март оваа година, нето извозот е 5 проценти, додека на државно ниво за месец февруари овој однос е -21 отсто. Анализата покажува дека и бројот на вработени останува стабилен, бројот на вработени во компаниите е 14.000 лица, додека дел од нив веќе имаат постапки за отворање нови работни места.
-И во услови на криза предизвикана од Ковид-19 бројот на вработени останува стабилен, а кај дел од компаниите континуирано расте. Дури 60 проценти од компаниите имаат зголемен број на вработени. Покрај 14.000 наши сограѓани кои работат во зоните, само актуелните инвеститори, без оние со кои сега разговараме се обврзани да отворат уште дополнителни 7500 работни места во следните неколку години. Наша цел е со посебни мерки да го забрзаме овој процес, додава директорот на ТИРЗ.
Дирекцијата на ТИРЗ информира дека во 2020 имаат регистрирано раст на просечната бруто плата од 5,5 проценти и просечна нето плата од 2 отсто, со стабилен број на работни места.