Делегација на Совет на Амбасадори во состав Мухамед Халили, претседател, Нано Ружин и Азис Положани, членови на Извршен Одбор, вчера во Тирана беше примена од претседателот на Советот на албанските амбасадори Бесник Мустафај и раководниот борд на Советот.

На средбата била дискутирана и усвоена рамката на идната соработка меѓу двата совета, како и воспоставување на соработката со други слични невладини организации во Европа и пошироко.

– Како почеток на соработката ќе бидат заедничките активности околу реализацијата на посетата на регионот на делегација на Совет на Американските амбасадори која ќе се реализира во април идната година, соопштија денеска од Извршниот одбор на Советот на Амбасадори.

На средбата бил потпишан и Меморандум за соработка меѓу двата Совета за заеднички активности и проекти од регионални прашања, ЕУ интеграции, сигурност, безбедност, демократизација и човекови прашања.

– Заедничките активности ќе ги рефлектираат принципите на добрите меѓусоседски односи, европските вредности на слобода, демократија, владеење на правото,човековите права и еднаквите можности. Двата Совета ќе органинираат заеднички проекти и конференции договорени во духот на добрата волја изразена во Меморандумот, се наведува во соопштението од Советот на Амбасадори.