СВР Тетово информира дека денеска полициски службеници околу 13:30 часот привеле две лица на плоштадот кај кои нашле и одзеле над 2500 парчиња пиротехнички средства. Посочуваат дека за двајцата ќе следат пријави.

-Полициски службеници ја привеле 53-годишната Х.М. од тетовски Челопек кај која биле пронајдени и одземени 1686 парчиња пиротехнички средства, а десеттина минути пред тоа, исто така, на плоштадот во Тетово, го привеле и 20-годишниот тетовец М.Б. со 885 парчиња пиротехника.Во координација со јавен обвинител, по целосно расчистување и документирање на случајот, на двете лица ќе им бидат изготвени законски предвидените поднесоци, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

И вчера на градскиот плоштад полицајци лишија од слобода 54-годишен тетовец затоа што кај него му биле пронајдени и одземени над 3010 парчиња разновидни пиротехнички средства, најмногу петарди. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот како и изготвен соодветен поднесок по член 396 од Кривичниот законик.

Секторот за внатрешни работи Тетово ги потсетува граѓаните дека набавувањето, продавањето и активирањето пиротехнички средства е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и Кривичниот законик.