Утрово се оштетени кислородни цевки во болницата во Тетово. Сторителите не успеале да ја оштетат главната цевка која снабдува со кислород над 120 пациенти со ковид 19. Координаторот на Ковид центарот е шокиран од ваквата постапка.
„Лицето или лицата кои не се идентификувани, ја оштетиле кислородната цевка која за среќа не е главна во снабдување со кислород на болницата, но за среќа не е оштетена главната цевка која снабдува над 120 пациенти кои се во болницата. Ние штом го видовме тоа, бевме премногу вознемирени, замислете како работиме ние лекарите, не знаеме што е сабота а што недела, или вторник и кога го видовме тоа се потресовме и не можеме ни да замислиме кој направил вакво нешто“, истакна Гзим Нуредини.
Нуредини вели дека доколку се оштетела главната цевка, тогаш ќе требало пациентите за неколку минути да ги испратат во други клинички центри бидејќи би им бил животот во опасност.
„Доколку беше прекината главната цевка која е многу блиску, тогаш ќе требаше за неколку минути да извршиме транспорт на пациентите во Скопје или на други клиники, или во мал број таму каде што имаме легла со кислород, ќе беше голема катастрофа ако се оштетела главната цевка“, посочи Гзим Нуредини.
Случајот е пријавен во полиција, а на местото на настанот излегле екипи од полицијата и обвинителството и спровеле истрага за расчистување на случајот. Во текот на неделата ќе се отворат нови пунктови за вакцинација во градот во Домот на Армијата, ЕЛЕМ Турс кај Жичарницата, Центарот за култура во Тетово и клиниката во село Порој, Тетово.