Во тек се разговори меѓу Русија и САД за гасоводот Северен тек што ја поврзува Русија со Германија под Балтичкото Море, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за државната телевизија.
Лавров рече дека би било интересно да се види „дали Американците ќе го искористат своето влијание врз Европа и ќе ја принудат да престане да го отфрла рускиот гас“, се вели во извештајот на државната новинска агенција ТАСС.
Лавров не соопшти детали од разговорот. Неговите коментари следат по извештаите дека пуштањето во употреба на поновиот гасовод, Северен тек 2, би можело да биде дел од американско-рускиот договор за ставање крај на војната во Украина, веројатно со учество на американски инвеститори.
Прашањето за Северен тек 2, кој никогаш не стапи во функција, беше запренo од германската влада по нападот на Русија на Украина во февруари 2022 година. Експлозија во септември уништи еден од двата завршени гасоводи.
Други експлозии во исто време ги оштетија двата цевководи на гасоводот Северен тек 1, кој беше пуштен во употреба во 2011 година. Русија престана да испорачува гас преку овој гасовод на крајот на август 2022 година. Лавров рече дека рускиот гас бил одбиен од политички причини и дека тоа ја принудило германската индустрија да плати повисоки цени на енергијата.
Во своите критики, тој ги именуваше германскиот министер за економија во заминување Роберт Хабек, германскиот министер за одбрана во заминување Борис Писториус и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Тие велат дека нема да го рестартираат Северен тек по секоја цена. Овие луѓе се болни или се самоубиствени“, рече тој.
Откако беше прекината испораката на гасоводот, Германија увезува големи количини течен природен гас од САД и други извори.