Министерството за образование и наука ги потсетува студентите од прва година запишани на јавните и приватните високообразовани институции во државата дека во тек е аплицирањето за место во државните студентски домови и други објекти за сместување во Република Северна Македонија, за студиската 2021/2022 година. Крајниот рок за поднесување на апликациите е 24-ти месецов.
Условите, критериумите и потребните документи за остварување на правото на сместување во студентски дом се наведени во конкурсот кој е објавен на следниот линк. Студентите кои ги исполнуваат условите пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://euslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом.
Од МОН соопштуваат дека за бруцошите се предвидени 1249 места во студентските домови.
За слободните места во студентските домови, кои се останати непополнети по објавување на конечните списоци, пријавувањето ќе продолжи сé до пополнување на истите, но не подоцна од 15.11.2021 година. Согласно информациите по објавата на резултатите од аплицирањето на студентите од втора и повисоките години на студии, останати слободни места има во студентскиот дом „Пелагонија“ (300), во „Кузман Јосифовски – Питу“ (30), „Томе Стефановски – Сениќ“ (110) и во третата зграда во „Стив Наумов“ (300).