ЕУ не е совршена бајка, со правичност и правдина, туку е заедница што ги штити своите интереси, пред сѐ. Најмногу страдаат наивните како нас, кои веруваат во ЕУ како во нешто најсвето!
Со свој камен, по своја глава – преку оваа поговорка најдобро може да се опише системот на заедничка согласност и инструментот „правото на вето“, на сите земји членки на Европската Унија. Последните примери со блокадата што ја направија поранешните комунистички, источноевропските земји членки на Унијата, Унгарија и Полска, на сеопфатниот буџет на ЕУ за справување со економските последици предизвикани од Ковид-19 пандемијата, и ветото на Бугарија против евроинтегрирањето на Македонија, кое ќе остави длабок негативен импакт и врз европерспективите на земјите од Западен Балкан, е доказ дека овој механизам на „сеопфатна согласност од сите земји членки“ за секое посериозно прашање, кое ја тангира ЕУ, е веќе проблем сам по себе. Веројатно, архитектите на европскиот проект во далечните 50-ти години на минатиот век, никогаш не ни помислиле дека еден ден овој принцип ќе биде (зло)употребуван токму од владите на земјите, кои во тој временски период биле длабоко потиснати од сталинистичкиот тоталитарен режим, држави и општества потонати во болшевичкото сивило од другата страна на „Железната завеса“.
По падот на комунизмот, европската идеја за ширење на европските вредности на исток и југоисток направи од овие држави полноправни членки на Унијата, кои повеќе ги уживаат правата (читај: милијардите евра, доделени од заедничките фондови на ЕУ), а ги занемаруваат и ги заобиколуваат европските правила на игра, т.е. не ги исполнуваат своите обврски. Најтрагично од сѐ е тоа што поведението на властите на овие земји е закана за целата европска иднина на Унијата, па многумина се прашуваат како ЕУ ќе функционира со овие воспоставени правила на игра, кога веќе сѐ поголем број земји од проблематичниот исток не ги почитуваат.
Наместо во својот „устав“, кога се подигнувала и се трансформирала Унијата во најмоќната и најбогатата политичка заедница на целиот континент, да создала одбранбен механизам со право на исклучување на непослушните свои „деца“, ЕУ-архитектите веројатно се воделе од суровиот личен интерес на постојните земји членки на Унијата: најбитно од сѐ е да се запазат интересите на членките, а оние што претендираат да станат дел од ЕУ во иднина да се прилагодат на интересите на тие што се дел од асоцијацијата.
Да, ама не! Големата измама за „старата Европа“, е тоа што еднаш реформираните посткомунистички општества не останаа засекогаш на својот траекториран европски пат, односно не останаа засекогаш демократски и плурални општества. Примерите на Орбанова Унгарија и Качинскова Полска, но во последно време и Борисова Бугарија, ни укажуваат дека бранот на авторитаризмот секогаш може да ги заплисне екскомунистичките држави и општества. И не само што тој не е искоренет од почвата на Источна Европа, туку, за жал, е иманентен за културата и за поимањето на уредувањето на општественото живеење во овие политички заедници.
По бруталното вето од Грција на самитот на НАТО во Букурешт во далечната 2008 година, многумина наши аналитичари, но и политичари повикуваа да се промени овој принцип на „заедничка согласност“. Да не бидеме наивни. Сепак, ЕУ не е совршена бајка, со правичност и правдина, туку е заедница која ги штити своите интереси, пред сѐ. Непослушните „деца“ и понатаму ќе добиваат концесии од своите тутори, бидејќи и тие (туторите), имаат интерес „посвоениците“ да не се вратат во прегратките на мајка Русија. Најмногу страдаат наивните како нас, кои веруваат во ЕУ како во нешто најсвето!