Во организација на “Мускулна Дистрофија Асоцијација Македонија” (МДАМ) денеска во Струмица ќе се одржи “Првата национална конференција за Душен и Бекер мускулна дистрофија”, под мотото „Заедно за свет без бариери!“.

Според организаторите, на настанот се поканети претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски. На тридневната конференција своето учество веќе го потврдиле водечки лекари од Универзитетската клиника и од приватни болници, како и претставници од Светската организација на Душен.

Оваа важна конференција, се посочува, ќе биде и повод за одбележување на  7 Септември – Светскиот ден на Душен и Бекер мускулна дистрофија признат од Обеднинетите нации.

-Конференцијата ќе понуди агенда со важни дискусии, споделување на најновите напредоци и истражување за поддршка на лицата погодени од мускулна дистрофија Душен и Бекер и ќе придонесе за подигање на свеста за мускулната дистрофија Душен и Бекер, наведуваат организаторите.

МДАМ е здружение на граѓани основано во 2019 година од страна на родители на лица кои боледуваат од оваа ретка мускулна дистрофија од која боледуваат само машки деца. На настанот ќе бидат пристутни и лица со Душен и Бекер мускулна дистрофија од земјава, но и од соседни земји.

Светската организација на Душен секоја година дава особен акцент на 7 Септември. Оваа година одбележувањето е под мотото “Raise your voice for Duchenne!”