Во Струмица синоќа почна 16. издание на Фестивалот за краток филм „Астерфест“, кој ќе трае до утре.
Ова издание се одржува под мотото „Нови мотивации“, а во официјална интернационална конкуренција се 24 кусометражни играни, документарни и анимирани филмови.
Фестивалот го отвори градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
– Филмофилите ќе имаат убава можност, овде во летниот амфитеатар, под струмичкото ѕвездено небо, да уживаат во 24 филмски остварувања на автори од повеќе земји и притоа да бидат сведоци на „Новите мотивации“ кои ни ги нуди „Астерфест“. Особено ме радува фактот дека годинешниот фестивал на најубав можен начин ја збогатува понудата на „Струмица-град на културата за 2021 година, рече Јаневски.
Основачот и селекторот на фестивалот, режисерот Горан Тренчовски, истакна дека продолжува размената на идеи и комуникацијата во смисла на интегрирање на заедничките концепти, безгранични концепти, во контекст на промовирање на филмската уметност во светски рамки
На отворањето на Фестивалот, беа прикажани „Господата од Современа“ на Ана Алексовска, „Конструкт 24“ на Никола Ангелкоски и „И(с)згубени“ на Антонио Вељаноски, а веднаш потоа и седум документарни филмови од категоријата „Астердокс“.
Програмата продолжува вечер со проекција на филмовите од категоријата „Глобална фикција“ и во недела со проекција на филмовите од категоријата „Анимоушн“.
Лауреат на наградата за животно дело „Астер“ е Јан Качер, еден од најеминетните чешки и европски актери и режисери, а синоќа му беше врачено признанието на ланскиот лауреат за животно дело, легендата на балканскиот филм Пиро Милкани, кој заради онлајн одржувањето на минатогодишното издание, по една година го одржа ветувањето и пристигна од Тирана во Струмица за да ја прими наградата.
Жирито е составено од режисерите Ено Милкани, Панајотис Краварис и актерката Јулија Милкова.
Фестивалот финансиски е поддржан од Општина Струмица.