Со отслужување на ктиторската вечерна богослужба во храмот „Свети Георгиј Победоносец“ во Струга и молитвена поворка низ градот, попладнево се одржа познатата струшка Литија (Еордија) со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица.
Молитвената поворка од храмот на светителот, според традицијата, се движеше низ централните градски улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повторно се вратија во црквата, каде верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на Свети Георгиј.
Сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица истакна дека како и секоја година стружани најгостољубиво и најдостоинствено ги пречекуваат моштите на Св. Георгиј Победоносец и крминската икона на Богородица кои многу силно го излеваат својот благослов кон сеопштата и сенародна радост. -Велам сеопшта и сенародна, бидејќи околу оваа литија е обединета и целата наша земја и соседните простори, нагласува сестра Ефимија.
Верничка, учесничка на литијата забележува дека секоја година се поголем и поголем број на луѓе се собираат и дека годинава таа стана не само балканска, туку и дека доаѓаат луѓе кои се иселени од Америка, Австралија за да присуствуваат на оваа литија. -Се радува великомаченикот Георгиј гледајќи не собрани во толку голем број секоја година се повеќе и повеќе. Да бидеме истрајни во верата како Св. Георгиј и да бидеме радосни во духот. Благодарност до Владиката Партениј и Бигорскиот манастир што ни овозможија да присуствуваме на највеличествениот и најубавиот ден. Литијата ни е позната ширум Балканот и сите сме сведоци на тоа. Среќна, радосна и исполнета сум, достоинствено горда што сум дел од сето ова и ќе го искористам моментот да ги цитирам зборовите на владиката Партениј: „Сакајте, почитувајте и проштавајте, по тоа ќе ве познаат, по љубовта“, порачува верничката Весна.
Музичарот Ламбе Алабаковски, кој учествуваше на литијата, вели дека ова му е тре пат и според него, овој настан е нешто што ги сплотува сите стружани, но и луѓе од околните места. Навистина преубаво е чувството, порача тој, испраќајќи љубов и благодат кон сите.