Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека еден од петте уапсени антиваксери бил вакциниран против коронавирусот, објави денеска Танјуг.
„Од петмината анти-ваксери кои беа приведени, еден беше вакциниран и истовремено ги ширеше најстрашните можни лаги против вакцинацијата. Значи, излезе, вие се заштитивте, но велите дека другите не треба да се вакцинираат”, изјави Брнабиќ за ТВ Прва.
Неколкумина активисти против вакцините се уапсени оваа недела во Србија поради ширење паника, велат властите.
„Тоа е најстрашното лицемерие. Антиваксерите навистина ја загрозуваат националната безбедност. Тие преку социјалните мрежи сериозно ги загрозуваат безбедноста и животот на луѓето, шират паника и лажни вести”, додаде таа.
„Нашиот народ е одличен, и покрај силното лоби против вакцинацијата. Ние сме најдобри во Европа според бројот на вакцинирани лица“, рече премиерката на Србија.