Српската полиција, по наредба на Обвинителството за високотехнолошки криминал, уапси пет лица кои јавно ги искажуваа и пропагираа своите ставови против вакцинирањето на граѓаните. Како што јави досписникот на МИА од Белград, ова е само почеток на акцијата за приведувања на антиваксери за кои постои сомневање дека шират дезинформации во јавноста во врска со имунизацијата на населението кои не се научно потковани, ширејќи паника меѓу граѓаните и со тоа ја загрозуваат вакцинацијата на населението и враќањето кон нормален живот.
Српската полицијата извршила претрес во станот на познатата антиваксерка и претседателка на движењето „Живеам за Србија“, Јована Стојковиќ и нејзиниот сопруг Владимир, врз основа на судска наредба заради ширење на страв и паника. Полицијата со налог од Вишото јавно обвинителство за претрес на станот и други простории дошла пред вратата на д-р Јована Стојковиќ, позната како „водечка ѕвезда“ на лобито за анти-вакцинација во Србија. Стојковиќ го пренесуваше во живо на социјалните мрежи претресот, дискусијата и навредите кон полицијата, а по претресот беше приведена.
Сестрата на кошаркарката Милица Дабовиќ, Јелена Дабовиќ, исто така утрово е приведена на распит, во акцијата против антиваксерите.
По распитиот Дабовиќ изјави дека е приведена поради сомнеж дека на социјалните мрежи објавувала содржина против вакцините, потенцирајќи дека „само споделувала објави на други луѓе, како што тоа го прават милиони граѓани“, пренесоа белградските медиуми.
Доколку обвинителството одлучи да започне истрага против антиваксерите, тие може да се соочат со можност да бидат осудени на максимум пет години затвор за ширење паника.
Против Јована Стојковиќ се води постапка и пред Судот на лекарската комора на Србија, бидејќи пет лекари пријавиле прекршување на етиката и анти-вакциналните активности.
Важно е да се напомене дека Стојковиќ постојано ја истакнува својата титула доктор на медицината, поради што нејзиниот авторитет се зголемува во јавноста, а од друга страна, кога била повикана на одговорност со образложение да еден лекар не смее да пропагира недокажани медицински ставови, Стојковиќ се бранеше да нејзиниот „граѓански активизам нема никаква врска со Лекарската комора на Србија“ и дека станува збор за „постапување на граѓанин надвор од работното време“.