На предлог на медицинскиот дел на Кризниот штаб за справување со епидемијата со коронавирус, донесена е одлука во Србија од вечерва на полноќ сè да се затвори за викендот, освен прехранбените објекти, аптеките и бензинските пумпи, соопшти покраинскиот секретар за здравство, Зоран Гојковиќ.
Исто така, викендов се суспендирани и сите манифестации.
-Ништо поврзано со културата нема да се одржи за време на викендот, изјави Гојквоиќ, додавајќи дека одредени спортски настани ќе се одржат, доколку откажувањето не е дозволено со системот на натпреварување, но без публика.
Гојковиќ, исто така, изјави дека онлајн наставата во средните училишта ќе продолжи и следната недела, како и дека постарите одделенија од основните училишта, од петто до осмо одделение ќе се префрлат на онлајн часови.
-Епидемиолошката состојба е вонредна, бидејќи веќе некое време има мало зголемување на бројот на заразени со коронавирусот, кажа Гојковиќ и апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките и да се вакцинираат.
Гојковиќ изјави дека епидемиолошкиот дел од Кризниот штаб очекува бројот на заразени да порасне во наредниот период, но дека е добро што овој раст не е експоненцијален, што, како што е убеден, е последица на вакцинацијата и почитувањето на мерките на најголем број на граѓаните.
-Медицинскиот дел од Кризниот штаб побара денеска мерката затворање, која ќе важи за време на викендот, да биде продолжена и да трае 14 дена или 21 ден, изјави Гојковиќ, додавајќи дека во понеделник ќе се одлучува за можно продолжување на мерките.
Тој кажа дека досега се ревакцинирани скоро 700.000 граѓани и дека се користени околу 1,85 милиони вакцини, како и дека се отвораат нови пунктови, со цел да се овозможи што поголем број граѓани да се вакцинираат.
-Заедно со апелот за почитување на мерките, најважно е вакцинирањето, кажа Гојковиќ.