Во Србија, со низа манифестации, положување цвеќе и венци и oдавање пошта на жртвите, денеска ќе се одбележи 22-годишнината од почетокот на воздушните напади на НАТО врз територијата на тогашна СР Југославија, која од 2015 година во Србија официјално се означува како „почеток на агресијата на НАТО“, јави дописникот на МИА од Белград.
Операцијата на НАТО, наречена „Милосрден ангел“, следеше по неуспешните преговори за решавање на кризата во Косово, одржани во Рамбује и Париз во февруари и март 1999 година.
Во кампањата учествуваа сили од 19 западни земји, а воздушните акции, кои траеја 78 дена, беа извршени без одобрение од Советот за безбедност на ООН.
За време на 78 дена од воздушните удари, според податоците кои не се официјално усогласени, загинаа меѓу 1.500 и 3.500 лица, а повеќе од 12.000 беа повредени.
Според српското Министерство за одбрана, за време на воздушната агресија на Алијансата убиени се 2.500 цивили, вклучувајќи 89 деца и 1.031 припадник на Војската и полицијата.
Воздушните напади траеја 11 недели, забележани се 2.300 удари во кои беа испукани и фрлени 22.000 тони разни проектили, вклучително и повеќе од 30.000 касетни бомби, и како резултат на тоа, покрај бројните човечки жртви, сериозно беа оштетени објекти, инфраструктурата – патишта, железници, мостови, фабрики, училишта, индивидуални здравствени установи, десетици воени објекти и радари, но и цивилни радио и ТВ предаватели.
Воздушните напади завршија со потпишување на т.н. Кумановскиот договор на 9 јуни 1999 година, по што уследи повлекување на воените и полициските сили од Косово, на чија територија беше основана цивилна мисија на Обединетите нации (УНМИК).
Претседателот Александар Вучиќ, по повод годишнината од агресијата на НАТО, вчера во Лајковац изјави дека „обврска на Србија е да прости, но и никогаш да не заборави“.
Претседателот на Собранието Ивица Дачиќ за ТВ Пинк изјави дека Србија во 1999 година „го бранела својот територијален интегритет“ и дека Албанците „со спроведување на исценирана хуманитарна катастрофа се обиделе да ги постигнат своите политички цели и во тоа успеале“.