Трите меморандуми со Северна Македонија што произлегуваат од Договорот од Преспа, а веќе една година чекаат ратификација во грчкиот Парламент, според портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому, ќе бидат ратификувани во, како што рече, „соодветно време во следниот период“, јави дописничката на МИА од Атина.

Advertisements

Со оглед на тоа што меморандумите беа дел од темите за кои разговараа шефовите на двете дипломатии Бујар Османи и Никос Дендиас на минатонеделната средба во Скопје, дописничката на МИА од Атина, на денешниот редовен брифинг со новинарите побара одговор од владиниот портпарол, дали постои нешто ново околу ратификацијата.

-Во соодветно време, во следниот период, ќе биде и тоа, кусо одговори Иконому.

Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје, се трите потпишани меморандуми меѓу Северна Македонија и Грција што произлегуваат од Договорот од Преспа, а во грчкиот Парламент беа доставени кон средината септември минатата година.

Прикажи повеќе