Владина делегација, составена од вицепремиерите за европски прашања, Бојан Маричиќ, и за политики за добро владеење, Славица Грковска, како и министрите за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и генералниот директор на Пошти на Северна Македонија, Јани Макрадули, утре патува за Софија каде треба да одржи состанок со своите бугарски колеги.
-Работната група во изминатиот период имаше координативни состаноци на кои се разгледуваа можностите за интензивирање и зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за граѓаните на двете држави и за темпото на реализација на европските реформи, како и за размена на искуства и добри практики значајни за евроинтеграцискиот процес, соопшти Секретаријатот за европски прашања.
За време на средбата, се наведува, ќе биде потпишан меморандум за разбирање за поштенска соработка меѓу Бугарски пошти ЕАД и АД „Пошта на Северна Македонија“ и двогодишна програма за спроведување на Договорот меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Министерството за животна средина и води на Република Бугарија за соработка во областа на животна средина и заштита на водите, потпишан во 2019 година.